Италија и Шпанија ги зголемуваат безбедносните мерки

Италија и Шпанија вчеравечер го зголемија нивото на безбедност по масакрот во францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, во кој загинаа 12 лица.

Министерот за внатрешни работи на Италија, Анџелино Алфано, соопшти дека немаат конкретни закани и истакна оти Исламската држава го смета Рим за седиште на христијанството, поради што превентивно се зголемени безбедносните мерки.

Поглаварот на Римокатоличката црква го осуди нападот, истакнувајќи дека насилството никогаш не може да биде оправдано.

Шпанските власти го евакуираа седиштето на весникот „Паис“ откако бил забележан сомнителен пакет, кој подоцна е утврдено дека не е опасен.

Министерот за внатрешни работи на Шпанија, Хорхе Фернандез Дијаз, соопшти дека степенот на безбедност е превентивно зголемен иако засега немаат информации дека сличен напад се подготвува на територијата на Шпанија.

Франција денеска прогласи Ден на жалост поради нападот во „Шарли Ебдо“, при кој исламистите убија 12 лица, од кои 10 новинари и двајца полицајци.