Хојт Ји: За интеграцијата во НАТО и во ЕУ е клучно да се утврди кој прислушувал

Многу е важно да се утврди одговорноста за нелегалното прислушување и за наводните владини злоупотреби во врска со него, бидејќи тоа ќе биде клучен чекор за Македонија да ги увери НАТО и Европската Унија, како и другите меѓународни партнери, дека е подготвена да се интегрира во тие организации. Ова го истакна заменикот помошник државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, во интервју за емисијата „360 степени“ на „Алсат-М“.

– Тоа е важно и за граѓаните на земјата да се уверат дека е воспоставено владеење на правото. Ги повикуваме сите политички партии, политички и владини лидери, членовите на Собранието, да сторат сè што можат да биде спроведена правдата, СЈО да ја добие потребната поддршка за да си ја заврши работата и да нема политички притисок врз обвинителите и судиите од инволвираните во утврдување на одговорноста. Тоа треба да се направи во разумен рок и да не се одолжува – вели Хојт Ји.

Според него, клучно за државата е да се направат потребните реформи во судството, кои треба да овозможат независно судство, ослободено од политички притисок.

– Тоа е важно за граѓаните, за интеграцијата во НАТО и во ЕУ, но и за привлекување странски инвеститори – нагласува Ји.

Во врска со односите власт – опозиција, тој вели дека Македонија не може да си дозволи луксуз на постојани одложувања и опструкции од партиите. Според Хојт Ји, на секоја демократија ѝ е потребна силна влада, но и силна опозиција која нема само да блокира предлози со кои не се согласува, туку и ќе нуди алтернативи.

Тој во интервјуто се осврна и на влијанието на Русија во регионот на Западен Балкан. Според него, Македонија треба да се спротивстави на руското влијание и на дезинформациите што пристигнуваат од Москва.

– Гледаме дека Русија се обидува да ја обесхрабри интеграцијата на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ. Важно е Македонија да работи со нас, со ЕУ и со партнерите во регионот, да продолжи да се противи на малигните влијанија од кој било извор, да продолжи да ја зајакнува независноста на медиумите, важно е да има силни, професионални, независни медиуми кои ќе се спротивстават на дезинформациите од Русија или други извори – изјави Хојт Ји.