Гостиварец осомничен за девет кражби во Струга

Струшката полиција поднела кривична пријава против 20-годишниот гостиварец О.А., кој се товари за пет тешки кражби и за четири кражби што ги извршил во текот на минатиот месец во Струга, соопшти полицијата.

Осомничениот, според полицијата, кражбите ги вршел во куќи и во станови, на плажи на струшкото крајбрежје и од возило, одземајќи пари, златен и сребрен накит, мобилни телефони, облека и други предмети, чија вкупна вредност била проценета на околу 800.000 денари, односно околу 13.000 евра.

Полицијата, по добиените оперативни информации, успеала да го пронајде и приведе осомничениот, а при претрес на хотелската соба во Струга, каде што бил сместен, се пронајдени дел од украдените предмети.