Франција избира претседател и го одредува ритамот за иднината на ЕУ

Французите денеска гласаат на претседателски избори, кои можат да ја одредат иднината на Европската Унија.
Според анкетите спроведени пред изборите, четворица кандидати имаат сериозни шанси да се пласираат во вториот круг на 7 мај, што би било првпат во Франција да се случи тоа, оти вообичаено претседател се избира во првиот круг. Двајца од 11 кандидати се остро на линијата против ЕУ, а најпознатата, ултрадесничарката Марин ле Пен, е за напуштање на ЕУ.

Марин ле Пен почна да се подготвува за овие избори уште откако го презеде раководењето со ултрадесниот Национален фронт (ФН) од нејзиниот татко Жан-Мари ле Пен во 2011 година. И покрај прогнозите дека таа ќе загуби во вториот круг, поддржувачите на ЕУ стравуваат дека Ле Пен може да изненади и да стане третиот важен фактор во светската политика во изминатава година, по напуштањето на Британија на ЕУ и победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Ле Пен е цврсто определена против ЕУ. Четириесет и осумгодишната ултрадесничарка тврдо ја застапува позицијата дека Франција треба да се откаже од еврото, да ја преобрази или да ја напушти ЕУ и, најмногу, да ѝ стави крај на миграцијата.

– Залогот на овие избори е цивилизациски – изјави таа на една од неодамнешните телевизиски дебати.

Некои од најострите напади против неа, всушност, доаѓаат од друг кандидат, исто така критички настроен кон ЕУ. Станува збор за радикалниот левичар Жан-Лук Меланшон, кој е четврти според анкетите. Тој остро ја критикува ЕУ поради грижа за бизнисите наместо за работниците.

Сепак, фаворит на овие избори е 39-годишниот Емануел Макрон, поранешен министер за економија во владата на актуелниот претседател Франсоа Оланд. Тој е цврсто определен за ЕУ и вели дека Франција треба да се обиде да ја придобие Германија на своја страна за еден „посоцијално заштитен од“ во рамките на ЕУ.

Повеќе организации и невладини здруженија вчеравечер во Париз протестираа против „политичкиот маскенбал“.
Демонстрантите не ја прифаќаат политиката што ја водат кандидатите кои имаат предност според анкетите.