„Еуромакс ресоурсис“: Користењето на референдумот да се оцрни рудникот е нечесно

Компанијата „Еуромакс ресоурсис“ концесионер на рудникот за бакар и злато на локалитетот Иловица, реагира на изјавите на претставниците на еколошките иницијативи кои велат дека неисполнетите ветувања за рудниците се причина за слабата излезност во Босилово и Ново село на референдумот.

„Во име на активности за заштита на човековата средина, одредени еколошки здруженија и активисти ги злоупотребуваат политичките случувања во државата со цел да наштетат на нашиот проект, во чиј дизајн и развој се внимава на највисоките меѓународни и домашни стандарди за заштита на животната средина. Како македонска компанија, која е поддржана од меѓународни акционери, ја почитуваме секоја домашна иницијатива и активност, кои без манипулација и извртување на фактите, е во функција на заштита и унапредување на човековата средина и здравје. Посветени сме на унапредување на животната средина преку развој на модерен рудник на можности, односно, рудник кој ќе го унапреди животниот стандард како на локалното население, така и на државата“, велат од „Еуромакс ресорсес“.

Од таму додаваат дека „користењето на резултатите за излезност на населението на референдумот за да го оцрните нашиот проект е нечесно и е во спротивност со сигналите кои ние ги добиваме од локалното население.“

„Како инвеститори веруваме дека Македонија има голем потенцијал за економски развој преку користење на најдобрите светски практики и модерни технологии за ископување на рудното богатство, и не сакаме да навлегуваме во истражување за причините поради кои граѓаните решиле да се откажат од сопственото право да излезат на референдумот. Жителите на Иловица и Штука, како и градоначалникот на Босилово десеттина дена пред одржување на референдумот изјавија дека развојот на проектот Иловица – Штука нема да влијае врз резултатите за излезноста на референдумот. Веруваме дека ниту една организација или институција нема потврда дека нивната постапка на референдумот е поврзана со нашиот проект. Особено што во нашата комуникација со граѓаните од општините Босилово и Ново Село, добиваме поддршка од населението за побрза реализација на проектот што треба да им донесе нови извори за егзистенција“, додаваат од „Еуромакс ресорсес“.