Неисполнетите ветувања за рудниците – причина за слабата излезност во Босилово и Ново село?


       
Струмица, 1 октомври, 2018 - 15:34 (META) 

Општините Ново Село и Босилово се меѓу оние со најслаб процент на излезени гласачи – во Ново Село гласале само 16,97 отсто, а во Босилово – 24,80 проценти од гласачите, според првичните резултати од излезноста за вчерашниот референдум.

Претставниците на еколошките иницијативи сметаат дека ова е очекуван исход откако Владата со месеци го одложува решавањето на, за нив, исклучително сериозниот проблем со најавеното отворање на рудникот Иловица.

– Граѓаните испратија жешка порака до Владата дека не прифаќаат да бидат злоупотребувани со ветувања кои не се исполнуваат или да се манипулира со нив. Југоистокот ја казни и претходната влада за проблемот со рудниците, а Ново Село и Босилово јасно ставија до знаење дека по ниедна цена не сакаат рудник и му порачуваат на премиерот дека мора да си го исполни ветувањето за запирање на рудниците – вели Крум Велков, еколошки активист, во име на еко-иницијативата Зелена Котлина.

Според него нетрпението на граѓаните расте и, доколку пораката не биде примена на разумен начин, казната може да биде уште поголема.

Ново Село и Босилово, заедно со поширокиот струмички регион се сметаат за најзагрозени од отворањето на големиот рудник за бакар и злато Иловица. Граѓаните, кои изминатите години и преку локални референдуми против „рудниците на смртта“ им порачуваа на властите дека не сакаат потенцијални загадувачи во својата животна средина, му дадоа масовна поддршка на Социјалдемократскиот сојуз на локалните избори 2017 година, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев во предизборието вети дека во југоисточна Македонија ќе „нема рудници“.

Иако беше најавено, Владата на премиерот Заев се уште не се изјаснила околу конечната судбина на рудникот Иловица.