Дваесет и четири загинати во експлозија на автомобил – бомба во Кабул

Во експлозија на бомба во шиитски кварт на Кабул, рано утринава загинаа 24 лица, додека 42 се повредени, соопшти авганистанското Министерство за внатрешни работи.

„Вкупно 24 лица загинаа и 42 се повредени во нападот кој утринава беше извршен во Кабул. Автомобил – бомба експлодира во близина на автобус кој превезувал припадници на министерството за рударство“, стои во соопштението.
Се претпоставува дека мета на нападот биле припадниците на хазарската заедницата во Авганистан и пратеникот Мухамед Мокакек, затоа што автомобилот експлодирал во близина на неговата куќа.

Хазарската заедница денеска ја обележува првата годишнина од нападот на демонстрантите во кој загинаа повеќе од 80 лица, а 300 беа повредени. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.