Димовски: Собранието не може да го избегне разгледувањето на амандманите

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, смета дека Собранието не може да го избегне разгледувањето на поднесените амандмани за Законот за употреба на јазиците, а ако тоа се случи, би било целосно погазување на Уставот и на уставниот поредок.

– Тоа ќе е конечно згазување на функцијата на Собранието. Мојот апел до претседателот на Собранието, Талат Џафери е да размислува во правец дека токму тој ја има улогата да обезбеди функционирање на Собранието, и низ демократски и правно издржана процедура, да бидат акцептирани ставовите на различни сегменти од македонското општествено и политичко милје – рече Димовски.

Тој додаде дека, поднесените амандманите од страна на опозицијата се исклучиво врз основа на укажувањата на Иванов.

– Во Собранието не постои ниту функција, ниту институција која на пратениците може да има забрани или да им ускрати право да поднесат амандмани, која што може да забрани или одземе право на Собранието да се произнесе за поднесените амандмани. Уставноста може да се оценува само на донесен закон, но Законот за употреба на јазиците се уште не е донесен – додаде Димовски и појасни дека, поднесувањето на 35.569 амандмани е со цел да ја разбуди свеста кај парламентарното мнозинството и Владата, дека за овие прашања треба да биде постигнат општествен, а не само политички консензус.