Џолев даде заклетва и стана претседател на Основниот суд во Скопје

Новиозибраниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев денеска даде свечена изјава пред членовите на Судскиот совет, со што и официјално стапи на функцијата.

Судскиот совет пред два дена со 11 гласа „за“ и два „против“, го избра Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1.

Џолев е судијата кој неодамна изјави дека поранешниот претседател на судот, Владимир Панчевски, вршел притисок по изречена судска пресуда. Џолев на Панчевски му поднесе кривична пријава, а за ова негово обвинување расправаа и Советот за утврдување на факти и Судскиот совет.

Џолев доаѓа на местото на доскорашниот в.д. претседател на Кривичен суд Стојанче Рибарев кој, поднесе оставка поради лични причини.