Зошто Иванов ги потпиша указите на законите?

Претседателот Ѓорге Иванов вчера ги потпиша указите за прогласување на законите од областа на образованието, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 14 јануари 2015 година.

Тоа предизвика негодување кај студентскиот и професорскиот пленум, кои најавија дека ќе продолжат со акциите против овие, за нив, неуставни закони. Реакции имаше и на социјалните мрежи.

Сепак, еден дел од соопштението од кабинетот на претседателот предизвика посебно внимание во јавноста.

„Претседателот Иванов доби цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование. Од сите овие активности и инклузивен дијалог ќе произлезе целосно нов закон за високо образование.“

Овој дел од соопштението предизвика неколку дилеми. Имено, се вели дека претседателот добил „цврсто уверување“ дека ќе биде организирана стручна расправа (преведено: ти потпиши го законот, ние ти ветуваме дека потоа ќе организираме стручна расправа). Ако предлагач на законот е Министерството за образование, тогаш се претпоставува дека Иванов „цврсто уверување“ добил од министерот Абдилаќим Адеми.

Оваа задоцнета идеја, пак, за стручна расправа може да значи само едно. А тоа е дека се подготвуваат нови измени во Законот за високо образование. Во спротивно зошто би имало потреба од расправа за веќе донесен закон. Можеби, а како што се вели и подолу во соопштението, дека „со овие активности ќе произлезе нов закон“ (преведено: откако ќе направиме расправа, ќе донесеме нов закон). Ако е навистина така, чуму тогаш брзањето? Ако се спрема нов, а белки поинаков закон од овој што тој го потпиша – зошто тогаш го потпиша указот? Само затоа што му ветиле, пардон, „добил цврсто уверување“, дека ќе има нова расправа и нов закон?

Како и да се сака да се протолкува овој дел од соопштението, јасно е дека ќе предизвика полемика во јавноста.

Дали со ова соопштение тој само прејудицира нешто или, пак, точно знае што се подготвува?