Општина Центар досега ослободи 30 заробени дрвја во потесниот центар на градот, а во наредниве две до три недели во план е истото да биде сторено за уште 30, информираше за „Мета“ Маргарита Качуркова, раководител на секторот за животна средина на Општина Центар. Според Качуркова, дрвјата на кои е инервенирано до сега се наоѓаат главно на или околу улицата Боемска, а наредниве денови ќе се работи и на дрвјата на улица Ѓуро Ѓоновиќ.

– Се работи за дрвја кај кои има бекатон коцки до самата кора на стеблата и нив ги ослободуваме така што се вади по еден ред од бекатонот, а во празнината се поставува малч, кој служи за заштита и за прихранување на дрвото – вели Качуркова.

Со герила-акција во Градскиот парк во Скопје вчера ако активистите на О2 Иницијативата им упатија порака на надлежните од град Скопје како и од скопските општини итно да превземат нешто за да ги ослободат стеблата на околу 1.000 дрвја на подрачјето на Скопје, колку се проценува дека имаат стебла заробени под бекатон, бетон или асфалт или се на друг начин затворени со несоодветни градени активности и на тој начин им е загрозен опстанокот.

Од О2 потсетија дека се доцни со активностите и дека експертите од Шумарскиот факултет одамна предупредуваат дека дрвјата мора да бидат ослободени веднаш, без ниту еден ден дополнително одолговлекување, бидејќи летните жештини и високите температури ќе значат угинување на најмалку 200 до 300 повеќедецениски, во моментов, исклучително загрозени дрвја. Ослободувањето на просторот помеѓу стеблата и асфалтот или бекатон коцките ќе значи дека дрвото ќе добива повеќе вода и кислород, неопходни за да ги преживее сушните летни месеци.

Град Скопје денес без одговор на поставеното прашање што е досега сторено за ослободување на дрвјата, откако, уште во јануари годинава скопскиот градоначалник Шилегов потпиша меморандум со Шумарскиот факултет со кој се обврзува да ги ослободи заробените „зелени фабрики на кислород“, мапирани од страна на експертите на интерактивна мапа за подобар увид на состојбата на терен. Скопскиот градоначалник неодамна се прогласи за надлежен за „ослободување“ на само 187 од нив, додека останатите, според него, биле во надлежност на општините.

Затоа пак, од службата за информирање на Градот пристигна одговор на прашањето кој ќе ја сноси одговорноста откако веќе две од мапираните дрвја Шумарски факултет ги означи за мртви, од кои едното било буквално вградено во летната тераса на кафуле на улица Македонија.

– Одговорноста за овој случај ќе ја понесе оној кој го уништил дрвото. Инспекциите ќе утврдат кој е виновен за уништувањето на дрвото, поточно дали тоа се случило пред или по поставувањето на терасата. Доколку се покаже дека тие не го навеле дрвото во елаборатот врз коишто е издадено одобрението, во тој случај тие ќе одговараат и за поднесување на лажна документација – стои во одговорот.