Згурата од велешка Топилница се извезува во Турција, а наскоро и во Албанија

Фото: Мета.мк

Згурата од Топилницата во Велес се извезува во Турција, а до крајот на годината ќе почне да се носи и во Албанија. Концесионерот „Кепс Монт груп“ во моментов преговара со компанијата од Турција, да откупува поголеми количини од минералната техногена суровина и да се интензивира извозот. Од таму велат дека секојдневно се сепарираат и товараат повеќе камиони со троска и дека застој во извозот нема.

Концесионерот ја доби Б-интегрираната еколошка дозвола од Општина Велес во октомври 2019 година и може да извезува седум години. Расчистувањето на троската започна пред една година, а досега, освен во Турција, помали количини без извезени и во Србија и Косово.

„Во моментов се работи на детали од договорот со партнер од Турција, се надеваме дека наскоро ќе биде потпишан и дека извозот ќе се интензивира. Исто така очекуваме партнер од Албанија да почне да откупува, откако ќе се завршат градежни зафати во топилницата, каде што треба да ја преработува суровината“, велат од „Кепс Монт груп“.

Троската со тешки метали се проценува дека тежи околу 1,8 милиони тони, а црниот рид, последица од тридецениската работа на Топилницата е висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри. Се проценува дека содржи шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина.

Депонијата се наоѓа на локацијата „Баш колиби” во Велес, а близината до градот и околните населени места, како и до многу земјоделски површини ја прави едно од најголемите еколошки историски жаришта во земјава. Во неа има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… кои се постојана закана за здравјето на граѓаните и животната средина.

Со мерења направени во 2018 и 2019 година во проект на велешките невладини организации, беше констатирано присуство на тешки метали во велешката почва и до 30 пати над максимално дозволените граници.

Активистите предупредуваат дека почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, а ниви на кои се одгледува зеленчук и лозја има и во непосредна близина на троската.

Истражувањата на почвата покажаа дека зеленчукот произведен во Велес содржи 1,5 пати поголема концентрација на олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација на кадмиум.

Најголемите концентрации на тешки метали се забележани кај лиснатиот зеленчук, додека нивоата кај пиперките и доматите се пониски. Кај јаболката и грозјето, пак, поради големиот коренов систем, се во границите на дозволеното. Од тие причини велешани веќе четири децении очекуваат да се расчисти црниот рид. Последниот зафат ќе биде комплетната ремедијација на почвата, во кој ќе мора да се исчисти не само локацијата каде што лежи троската, туку и околината во радиус од неколку километри.