Зеленски тврди дека речиси 40.000 руски војници загинале во војната, борбите на терен продолжуваат

Извор на фотографија: Укринформ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во најновото обраќање изјави дека речиси 40.000 руски војници загинале од почетокот на воената агресија во Украина на 24 февруари годинава, пренесува Гардијан. Тој додаде дека руската власт четири месеци не им обезбедува на нивните граѓани податоци за загубите на руската армија на фронтот.

„Целосен молк. Ништо не е објавено или кажано во бројните интервјуа и говори на политичко и воено ниво“, изјави претседателот Зеленски, додавајќи дека десетици илјади руски војници биле повредени во досегашните борби.

Гардијан јавува и за синоќешните напади на украинската армија на Антоновскиот мост на реката Дњепар во регионот Херсон. Најмалку 18 детонации одекнале по украинското гранатирање на самиот мост и неговата околина. Овој инфраструктурен објект е под постојани напади за да се оневозможи трасата за снабдување на руската војска на западната страна од реката Дњепар.

Британското Министерство за одбрана во својот најнов брифинг информира дека руските сили најверојатно успеале да напредуваат кон термоелектраната Вухлехирск во Донецкиот регион. Борбите продолжуваат во овој регион на истокот на Украина, при што најмалку еден цивил загина.

Во изминатово деноноќие се регистрирани и серија на гранатирања на украински градови од страна на руските сили. Во ракетниот напад на регионот Днипропетровск изминатава ноќ рането е едно лице, а најголем дел од ракетите паднале во градот Никопол на западната страна од реката Дњепар, јавува Укринформ.

Руските сили во Харкив со ракети од систем за противвоздушна одбрана С-300 ја гранатирале индустриската зона во градот, а бил извршен напад и на зона во близина на централното градско подрачје, пренесува Укринформ.

Гардијан ги пренесува и информациите за гранатирањето на градот Бахмут во Донецкиот регион, каде руските ракети погодиле хотел. Се стравува дека под урнатините има повредени и загинати лица, а спасувачката акција е во тек, информираат украинските власти.