Започнува затворањето на дивите депонии во Источен и Североисточен плански регион

Локацијата во Трубарево каде што треба да се гради скопската пречистителна станица Фото: Архива на Мета.мк

По неколкумесечно одложување, Владата на вчерашната седница ја донесе одлуката за затворање на дивите депонии и ѓубриштата во 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион, информираат од владината прес-служба.

„На оваа своја седница Владата, врз основа на информацијата за статусот на реализација на подготвителните активности поврзани со проектот за затворање на нерегуларните депонии и ѓубришта во источниот и североисточниот регион, донесе Одлука за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од Источниот и Североисточниот регион со која се опфатени и над триесеттина диви ѓубришта“, се наведува во владиното соопштение.

Како што неодамна информираа за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање, во првата фаза од овој проект предвидено е да се исчистат 70 диви депонии (ѓубришта), како и 7 од нестандардните депонии лоцирани во овие два региона. Првичниот рок за отпочнување на целокупниот процес беше март годинава, но активностите за расчистување на отпадот се одложиja во неколку наврати поради изборот на надзорот над компаниите што ќе ја вршат планираната дејност.

За чистење и рекултивирање на депониите во овие два региона ќе се одвојат околу 10 милиони евра, при што на тендер за секој регион одделно се избрани компании од Турција и Германија коишто ќе ги извршат активностите за чистење на депониите и ѓубриштата.

Покрај отстранувањето на отпадот, процесот на рекултивација опфаќа поставување на ограда и канал за атмосферски води на локациите, додека јавните комунални претпријатија на општините во наредните години ќе бидат должни да вршат мониторинг на подземните води, визуелна проверка на теренот и да ја одржуваат оградата на расчистените и рекултивирани места.