Половина година помина, дивите депонии во Источниот и Североисточниот регион не се исчистени

Фото: Архива на Мета.мк

Депонираниот отпад на различни локации низ Источниот и Североисточниот регион од земјава сè уште чека на реализација на зелената агенда. Жителите на 18-те општини од двата региони чекаат да почне отстранувањето на општинските нестандардни депонии и ѓубриштата низ Источниот и Североисточниот регион во земјава, кое се најавува уште од почетокот на годинава. Институциите меѓусебно си ја префрлаат топката или не одговараат за тоа кој е новиот датум кога се очекува да отпочне чистењето на локациите од натрупаниот отпад. Инаку, во првата фаза од овој проект е предвидено да се исчистат 70 диви депонии (ѓубришта), како и 7 од постојните нестандардни депонии во Источниот и Североисточниот регион.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање не добивме одговор за датумот кога ќе почне чистењето на дивите и на општинските депонии во двата региона, ниту пак добивме појаснување од кои локации ќе стартува целокупниот процес. Не добивме одговор ниту од Центарот за развој на Североисточниот плански регион, од каде велат дека точни информации за темата може да дадат единствено од ова министерство.

Според последната информација што ја добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот на мај, чистењето на депониите и ѓубриштата требаше да почне кон средината на мај годинава, но иако беше најавено, немаше официјален почеток на активностите, ниту пак беа дадени информации за локациите од каде најпрво ќе се почне со расчистувањето на отпадот. Претходно, од Министерството тврдеа дека постапката ќе започне на крајот од април, а првичниот рок беше март.

Стандардниот одговор што го добивавме изминатиов период од Министерството за животна средина и просторно планирање е дека се избрани две компании од Турција и Германија, кои ќе бидат задолжени за изведба на работите во двата одделни региона. Сепак, процесот на чистење се одолговлече поради повторувањето на тендерската постапка за избор на компании коишто ќе го вршат надзорот над работите. Паралелно со чистењето на локациите, потребно е да се изврши и експропријација на приватното земјиште на дел од местата каде што е натрупан отпадот.

За чистење и рекултивирање на депониите ќе се издвојат околу 10 милиони евра, кои треба да опфатат и поставување на ограда и канал за атмосферски води на локациите, додека јавните комунални претпријатија на општините во наредните години ќе бидат должни да вршат мониторинг на подземните води, визуелна проверка на теренот и да ја одржуваат оградата на расчистените и рекултивирани места.