Запленети 16 килограми марихуана на Блаце

Двајца скопјани добија кривични пријави за трговија со дрога, поради обид во земјава да внесат речиси 16 килограми марихуана.

Тие на 28 октомври, на граничниот премин Блаце, се пријавиле за влез во Македонија од Косово. При прегледот на автомобилот „шкода октавија“ со кој патувале биле најдени 22 пакувања, односно 15 килограми и 725 грама марихуана.

Шверцерите рекле дека дрогата ја презеле од Косово и била наменета за Скопје, а тие требало само да ја транспортираат. За тоа им биле ветени 7.500 евра.

Вредноста на дрогата, при улична продажба на црниот нарко-пазар, се проценува на околу 80.000 евра.