Заев телефонски ја информирал Меркел за подготовките за референдумот

Во телефонски разговор вчера попладнето, премиерот Зоран Заев зборувал со канцеларката на Германија, Ангела Меркел за напорите за европски и атлантски перспективи на Македонија и за подготовките за референдумот, соопшти македонската влада.

Притоа, како што се вели во соопштението, Меркел ја истакнала поддршкта од Германија за Договорот на Македонија и Грција.

„Германската канцеларка, Меркел, даде поддршка на напорите на Владата и на општествено – политичката јавност во Македонија, за зајакнување на европските и атлантските перспективи на граѓаните на нашата држава. Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, којшто го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, пренесува Владата.

Заев зборувал и за подготовките за референдумот, порачувајќи дека македонската влада „е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните“.

Македонскиот премиер нагласил и дека владата продолжува со реформските зафати заради исполнување на условите од заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби.