Заев побара „поддршка за ослободување од режимот што ја опустоши Македонија“

На 15 октомври, граѓаните тргнуваат во нова акција, за слободни општини во Македонија, порача од централниот митинг во Скопје лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и ја побара поддршката од граѓаните за да ја ослободат целосно Македонија од, како што рече, режимот кој ја опустоши.

– За таа цел се здруживме со 23 партии од сите етнички заедници и политички групации. Од вас, граѓаните, бараме поддршка како здружена коалиција, од левичари, десничари, од центарот, зелени, од сите. Да изградиме слободни и услужни општини каде луѓето ќе живеат квалитетно еден до друг – рече Заев.

Тој најави дека „мерцедесот“ кој беше купен за премиерот Никола Груевски ќе го вратат, а со парите од сегашната вредност на возилото ќе набават амбулантни возила за клиниките во Македонија.

– Нека биде ова симбол на новото време, во кое ставаме крај на расипничкото трошење и почеток на воведување социјални политики согласно потребите на граѓаните – рече Заев, додавајќи дека се набавени 20 инкубатори за новороденчиња.

Тој говореше за мерките на Владата, како што е укинување на радиодифузната такса, доделување субвенции за, како што рече, вистинските земјоделци, давање исти можности за домашните како и за странските инвеститори, стабилизирање на односите со соседите и затворање на отворените прашања.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ги повика граѓаните на 15 октомври масовно да излезат и да го зададат „последниот удар на режимот на бандата на Никола Груевски“.

– Одлуката е во ваши раце. Масовно и гордо да покажеме со пенкало в раце дека сакаме промени, дека можеме да добиеме промени со пенкало в рака и да им ја испратиме пораката дека Скопје веќе не е вмровски град, туку е град на сите – рече Шилегов.

Тој вети дека за четири години Скопје ќе стане европски зелен град со повеќе паркови, преку пошумување и посебен сообраќаен режим за Водно, гасификација на општините кои немаат парно, задолжителни зелени појаси во деловите кои се гради, велосипедски патеки низ градот.

Активистот Никола Писарев порача да не се заборават селата, велејќи дека е срамота во 21 век да се зборува дали некое село има асфалт, улично осветлување или амбуланта. Тој на кандидатите за градоначалници им рече дека кога ќе станат власт, тој ќе им биде камчето во чевлите кое ќе ги потсетува дека треба да работат во интерес на граѓаните.

– Ќе ви бидам кошмар. Ако можев да се борам со ВМРО, уште полесно ќе се борам со вас. Вие од следната недела ќе раководите со градот, ќе го водите патот, но ако го утнете патот, ќе го јадете стапот – рече Писарев.

Тој им постави неколку барања на идните градски власти, односно побара вода за Рашче, од каде Скопје се снабдува со вода, и за луѓето во Аеродром во висококатниците, чист воздух, пошумување на Водно и речното корито на Вардар, поставување пречистителни станици долж течението на реката, патека Водно – Сарај – Матка, како и консултирање на експертите и на граѓаните за идните проекти.