Фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција информираше дека владата донела одлука за воведување на полициски час, којшто ќе почне утре вечер (10 март 2021 г.) и ќе трае до 22 март. Полицискиот час во овој период ќе трае секој ден од 22 часот навечер до 5 часот наутро, со што практично се прифати вчерашниот предлог на Комисијата за заразни болести.

„Ќе го следиме целиот овој процес. Секако имаме во предвид дека некаде во април следуваат Рамазанските пости и други празници. Одлуката има и превентивна улога, покрај причините заради зголемување на самите бројки“, изјави премиерот Заев.

Тој додаде дека се донесени и ограничувања за задолжителен домашен карантин на наши граѓани коишто се враќаат од Африка. Донесена е и одлука за Генералниот секретаријат да обезбеди објект за државен карантин за странски граѓани коишто доаѓаат од Африка. Овие две одлуки се однесуваат за влез во нашата држава, поаѓајќи од непознаниците во врска со африканскиот сој на корона вирусот.

Заев појасни дека доколку се појават одредени пречки за успешно да се спроведе полицискиот час, владата е подготвена периодов да одржи дополнителни седници со цел истите да се надминат.

„Апелирам до сите граѓани на максимално почитување на одлуките. Важен дел од одлуката се засилените контроли од МВР и на сите соодветни инспекциски служби што ќе следуваат, заради тоа што очигледно граѓаните се опуштија во делот на почитувањето на мерките за лична заштита“, изјави премиерот.

Тој додаде дека има искуства од соседните земји и од ЕУ, каде што има целосни затворања на угостителски објекти и слични мерки. Оттука, премиерот Заев побара угостителите строго да ги почитуваат мерките, со цел економски да продолжи да живее државата, но и да се спречи натамошен раст на бројките на новозаболени лица со ковид-19.