Премиерот Зоран Заев испратил писма до премиерите на земјите-членки на ЕУ со кои ги повикал да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Македонија со ЕУ, како одлука која е одамна заслужена, соопшти Владата.
Информирајќи ги за Договорот за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција, македонскиот премиер напоменува дека тој е веќе ратификуван во Собранието и дека на есен ќе биде одржан референдум, по што ќе почне постапка за уставните измени.
„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува Заев, барајќи на Европскиот совет да се даде поддршка за почеток на преговорите.
„Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“, вели Заев во писмото.