Заев: Сега е моментот да ги тргнеме сите предрасуди на страна

Неколку стотини граѓани ја проследија дебатата „Каква Македонија сакаме по излезот од политичката криза“ во „Кампот на слободата“ пред Владата, во која учествуваа претставници на граѓанските организации и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во првиот циклус говореа Наталија Поповска од „Транспарентност Македонија“, која истакна ставови за трошењето јавни пари, а уредникот на „Алсат М“, Мухамед Зекири, кој зборуваше за медиумите, јавниот сервис, Законот за медиуми, како и за Агенцијата за медиуми, истакна дека заканите кон неистомислениците мора да престанат. По Зекири говореше Дона Костуранова од Националниот младински совет, која се задржа на младинските политики, а Ирена Стефоска од „Вокс академика“ говореше за реформите во образованието.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека сега е моментот да се тргнеме сите наши предрасуди на страна за да може да се изгради вистинска иднина за сите граѓани.

– Буџетските средства мора да бидат транспарентни. На неделно ниво ние ќе ги обелоденуваме буџетските расходи. Граѓаните мора да бидат коректив со директен увид за тоа како се трошат народните пари. Премиерот и министерот на финансии ќе мора да носат буџет на јавна дебата, па ќе мора да кажат оти споменикот е поважен од канализација во едно село. Судија мора да одговара за својата одлука. Незвисноста на медиумите ќе мора практично да ја покажеме, мораме МТВ да ја изградиме целосно независна. Ако имаме независни медиуми, голем дел од транспарентата иднина на Македонија сме ја завршиле. Има политичарот да игра пред новинарот, а не новинарот да се плаши од политичарот – рече Заев на дебатата.

Тој вети дека утре нема да дозволи да почне лидерската средба сè додека неговите асистенти не му дадат сигнал дека сите новинари се пуштени внатре.

Во вториот циклус говореа активистот Никола Писарев од Центарот за современи уметности, кој говореше за проблемите на локалното население, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која говореше за проблемите во судството, Славчо Димитров од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, кој говореше за човековите права, и Владимир Лазаревик од „Хелтгрупер“, кој говореше за проблемите во здравството.

Граѓанските здруженија на Заев му порачаа дека ќе го држат за збор за сето она што тој го кажал, а дека иствремено и ќе го потсетуваат на сите ветувања што ги дал.