Со договорот со Русија за покривање на нејзиниот дел од долгот на поранешниот СССР преку изградба на гасоводот од Клечовце до Штип, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, фактички на руската страна и го простиле целиот долг, а Македонија сама си го платила гасоводот.
Таков е заклучокот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во образложението за новата истрага „Подарок“, што заедно со пет други, ја отвори минатата седмица.
Според тоа, Ставрески, Јанакиески, заедно со Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси (МЕР) АД Скопје во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ две милијарди и девет милиони денари, односно близу 33 милиони евра. За толку пари е оштетен државниот буџет, велат од СЈО.
Ставрески и Јанакиески, како претставници на тогашната македонска влада на 19 јуни 2010 година склучиле договор за враќање на рускиот долг кон Македонија во износ од 60,56 милиони американски долари преку испорака на стоки, услуги и извршување работи. Тогаш се договориле целиот долг да се вклучи во изградба на магистралниот гасовод „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од 75,7 милиони американски долари, или 55,64 милиони евра, при што Русија во изградбата да учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.
Според СЈО, екс-министрите и тоа го направиле иако од претходно знаеле за физибилити студија со која изградба на гасоводот Клечовце – Штип, кој е 36 километри подолг од погоренаведениот би чинела 30 до 35 милиони евра.
Знаејќи го тоа, сепак го склучиле договорот за рускиот долг, со што руската компанија поради неповолниот договор профитирала за 32, 66 милиони евра, а фактички Македонија сама го платила гасоводот, велат од СЈО.