За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Сопругот на една од жените-жртви со запалива течност ѝ запалил дел од облеката, по што ги зел децата и заминал од домот

Photo by Malicki M Beser on Unsplash

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден.

Околу 18 часот и 30 минути вчера, во СВР Скопје, 33-годишна жена пријавила дека попладнето околу 13:30 часот била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер – 43-годишниот Д.А. од Скопје. При нападот, тој употребил и тврд предмет.

Вечерта околу 21:30 часот, пак, 27-годишна жена од скопско село пријавила дека во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг С.Б. (29) кој издржувал затворска казна во затворот Идризово. Тој со запалива течност ѝ запалил дел од облеката, по што ги зел децата и заминал од домот.

Полицијата информираше дека се преземаат мерки за расчистување на двата случаја.