Вучиќ: Потребно е засилено присуство на ЕУ за да го зачуваме мирот на Западен Балкан

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека после неуспешниот референдум во Македонија и изборите во БиХ неопходно е посилно присуство на Европската Унија, за да се зачува мирот и стабилноста на Западен Балкан.

На панелот Белградски безбедносен форум на кој учествува заедно со претседателот на Австрија, Александар ван дел Белен, Вучиќ рече дека засилено присуство на ЕУ е неопходно „за да ЕУ остане тој сон, тоа светло на демократијата и слободата кон кое сме тежнееле“.

Вучиќ рече дека ЕУ треба на земјите од Западен Балкан да им понуди нешто големо и „опипливо“ и оцени дека е очигледно дека на народот во Македонија не му се допаднало тоа што му било понудено, а дека ЕУ не сметала на тоа.

– Потребно е да направиме нешто големо на Западен Балкан, мораме да понудиме нешто големо за иднината на Западен Балкан, затоа што ако ја потцениме волјата на луѓето и разочарувањето на народот на кое не сме сметале, се плашам дека ќе не доведе во ситуација кога нема да можеме да одржиме мир и стабилност – оцени Вучиќ.