Во пожар изгореа фарма и 10 свињи

Пеплосана е фармата што цел живот ја создаваше семејството на Јонче Смилков од штипското село Долани. Во пожарот што избил попладнето, по 14 часот, изгореа целата фарма, 10 свињи, трактор и целокупната земјоделска механизацијата што ја поседувало семејството.

Јонче Смилков се сомнева дека пожарот е подметнат бидејќи огнот избил од три места во исто време. Несреќата да биде поголема, настанало забуна со Противпожарните служби. Селото е во штипски атар, но е и близу Радовиш. Во моментот кога се јавиле да ги повикаат пожарникарите на помош на 193, се јавила радовишката противпожарна единица. Во целиот хаос, додека горела стоката и објектите, семејството Смилкови се обидувале да ја добијат и штипската противпожарна служба, која е во нивна близина. И додека успеале да ги исконтактираат штипските пожарникари, а овие да стигнат и да почнат да го гасат пожарот, фармата речиси целосно била изгорена.