Во Подгорица уапсени црногорски државјани осомничени дека работеле за руското разузнавање

Фото: Bill Oxford on Unsplash

Неколку државјани на Црна Гора се утрово уапсени во главниот град Подгорица под сомнеж дека работеле за разузнавачката служба на Русија, јавува црногорскиот весник „Вијести“ на својата веб-страница, повикувајќи се на повеќе извори.

Според сознанијата на „Вијести“, акцијата ја водела Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а била извршена по налог на Специјалното државно обвинителство.
Според еден извор, еден од уапсените повеќе од една деценија работел за руската служба. Наводно, станува збор за државен службеник, кој бил дел од поголема група чии припадници ѝ се познати на АНБ.

Како што пишува „Вијести“ повикувајќи се на свој извор, денешната акција била само почеток за откривање на соработниците на странски служби. Од АНБ официјално не дале одговор дали е вистина дека повеќемина била уапсени за шпионажа.

Според друг соговорник на весникот, акцијата во Подгорица била дел од поголема меѓународна акција и дека меѓу уапсените има и руски државјани.

Според портпаролот на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, по барање на Обвинителството, а по наредба на Вишиот суд полицијата врши претреси на станови и други простории на граѓани „поради основани сомненија дека се извршени кривични дела криминална организација и шпионажа, но дека до моментот на разговорот, немало уапсени.