Фото: Министерство за здравство

Министерството за здравство денеска соопшти дека вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.315, а слободни се 340 болнички кревети во ковид центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 766 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Додека пак, во главниот град има хоспитализирано 549 пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 78 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 30 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 92 пациенти, во Прилеп 118, во ковид центарот во Гостивар 36, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 57 пациенти, во Кочани 11, во Кичево 10, Кавадарци 69, а во Гевгелија 23 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 54 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 30 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 3 примени пациенти и 5 биле примени на Инфективната клиника во тек на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени нови пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ информираат од ресорното министерство.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 263 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 123 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 137 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле нема пациенти. На Клиниката за Детски болести има 16 деца позитивни на ковид-19 вирусот, а на ГАК лежат 10 позитивни пациентки.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 31 оздравен пациент.