Фото: Министерство за здравство

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 126 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство, според податоците во последните 24 часа.

Во ковид центрите во Скопје немало нови хоспитализирани пациенти, а вкупно 46 болни се лекуваат на инфективните одделенија. Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Приеми немало ниту во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Дома е пуштен еден оздравен пациент.

Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 7 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 14 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 25 пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места.

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 80 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 10, во Штип 9, на инфективното одделение во Тетово има 2 пациента, во Велес се лекуваат 10 болни, а во Куманово 15. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 5, во Прилеп 4, во Гостивар 9, а во Струга 5 болни. Во болницата во Струмица лежат 9 пациенти, во Кичево 2, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти, информираат од Министерството за здравство.