Извор на фотографија: Министерство за здравство

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава е 126 и има околу 500 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство, според податоците од последните 24 часа. Оттаму додаваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите за ковид пациенти.

Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 75 пациенти. Во болницата во Битола има 10, во Штип се хоспитализирани, исто така, 10, на инфективното одделение во Тетово има 5, во Велес се лекуваат 7 болни, а во Куманово 14. Во ковид центарот во Охрид лежат 5 пациенти, во Прилеп 3, во Гостивар 7, а во Струга 5 болни. Во болницата во Струмица има 7, во Кичево 2, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани двајца нови пациенти, а вкупно 51 лице се лекува на инфективните одделенија.

Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми, во ГОБ „8 Септември“ бил примен еден пациент, а еден нов заболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Дома е пуштен еден оздравен пациент.

Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 7 лица, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 17 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 27 пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места.