Светлана Тихановскаја на митинг во градот Витебск во јули 2020 година. Фото: Serge Serebro/Wikimedia Commons

Светлана Тихановскаја, противкандидат на долгогодишниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко, на последните избори во август, чија политичка судбина беше причина за долготрајните протести против режимот во Белорусија, побара проширување на санкциите против властите. Во меѓувреме, уличните протести во земјата продолжуваат и покрај студот и репресивното постапување на безбедносните сили против демонстрантите.

Во интервјуто за германското списание „Шпигел“, Тихановскаја порача оти белоруската опозиција е благодарна на ЕУ за наметнувањето санкции против припадници на власта во Белорусија но списокот на погодените е „непропорцинално кус“, вели таа.

„Санкциите треба да бидат проширени. Слушаме многу зборови на поддшка, но имаме потреба од дела. Сакаме да ја повикаме Германија да преземе поголема одговорност за Белорусија. Ако започне Берлин, ќе се придружат и другите земји на ЕУ, сигурна сум во тоа“, вели Тихановскаја.

ЕУ досега настапи со два пакети санкции против Минск, коишто опфаќаат 55 фигури од државното раководство, почнувајќи од претседателот Лукашенко, кому му беше доделен уште еден мандат и покрај повиците на опозицијата дека изборите беа нефер и наместени.

Инаку, протестите против лажирањето на изборите се одвивааат без прекин уште од 7 август годинава. Така беше и во неделата, кога и покрај мразот и студот, луѓе излегоа на улиците на Минск, при што голем број припадници на безбедносните сили блокираа поголем број делови на главниот град. Полицијата настапи против демонстрантите со водени топови кои протестираа на периферијата, со намера да ги избегнат блокадите, информираше групата за човекови права „Власна“.

Овој пат, за разлика од минатите недели, метрото функционираше, а мобилната телефонија работеше без проблеми.