ВМРО-НП Тетово повика на заеднички настап на македонските партиите на локалните избори

Општинскиот комитет на ВМРО – Народна партија од Тетово ги повика македонските политички партии, во Западна Македонија на локалните избори да настапат со единствена платформа.

ВМРО – Народна партија од Тетово на својата последна седница донела заклучок, дека е потребно да се формира национален совет во кој ќе членуваат сите македонски политички партии кои гравитираат на територијата на Општините Тетово и Гостивар, граѓански здруженија и локални еминентни личности.

Преку писмено соопштение, општинскиот комитет на ВМРО-Народна партија од Тетово, ги повика општинските комитети и организации на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на сите други македонски политички партии кои функционираат на ова подрачје, за заеднички настап на следните локални избори со заедничка платформа, во која ќе бидат дефинирани националните интереси на македонскиот народ, кој живее на територијата на Западна Македонија.

Општинскиот комитет на ВМРО – Народна партија од Тетово, предлага редефинирање на Законот за територијална поделба, каде што Тетово ќе добие статус на град со три општини, при што во една од општините со мнозинско македонско население, градоначалник би бил Македонец.