ВМРО-ДПМНЕ: Владата неспособна да помогне на стружани и да ја спаси туристичката сезона

„Владата на СДС и нивните коалициски партнери ја покажуваат сета своја неспособност и незаинтересираност за проблемите на граѓаните во Струга. Девет дена гори депонија која го загадува воздухот, го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина и ја претвора Струга од бисер на Охридското Езеро во депонија“, обвини ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение.

Партијата вели дека со неправилното постапување, се загрозува туристичката сезона.

„СДС и нивните коалициски партнери со сопствената неспособност ја загрозуваат туристичката сезона на Охридското Езеро, со што директно ја загрозуваат и егзистенцијата на стотици семејства чиј извор на приходи се средствата што доаѓаат од туризмот. Владата на СДС знае да укинува, да блокира и да брка од работа, но е сосема глува и не ги слуша барањата на стружани за итно затворање и за дислокација на местото за одлагање на отпадот“, се вели во соопштението.