ВМРО-ДПМНЕ: Секој граѓанин знае зошто гласал за нас

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната „бомба“ на Заев, која се однесува, како што рече лидерот на СДСМ, на изборни нерегуларности.

„Денеска Зоран Заев продолжи со емитување на креираниот материјал кој го добил во соработка со странска разузнавачка служба. Иако постојат признанија дека нелегално се вршело прислушувањето, за што едно лице веќе е осудено на казна затвор, Заев и неговите поддржувачи и понатаму се обидуваат да ја изманипулираат јавноста дека креираните материјали ги добиле од патриоти, а не од измамници и од соработници на странска разузнавачка служба, кои во целост ја признаа вината. Секој гласач на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата нека се потсети дали гласал заради причините со кои денеска нè обвини Заев или заради политиките на партијата, делата што се направија, фабриките кои се отворија, 120.000 нови работни места, новите патишта, болници, опреми, училишта, зголемените пензии, социјална помош, плати во јавниот сектор. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаа јасна, чиста и убедлива победа на сите претходни избори, со огромна поддршка на народот, пред сè, поради остварените ветувања, остварените дела и неуморното работење, поле на кое СДСМ е инфериорен и затоа се обидува со конструкции и со манипулации да создаде поинаква перцепција во земјата од реалната“, соопштува владејачката партија.