Властите го сметаат за непотребен царинскиот терминал на преминот Блато меѓу Македонија и Албанија

Фото: Google Maps

Недостаток на царински терминал на граничниот премин Блато меѓу Албанија и Северна Македонија, ги принудува граѓаните на Дебар да минуваат речиси 100 километри за царинење на стоката. Додека бизнисмените со години инсистираат на тоа дека царинскиот терминал е од витално значење за слободна трговија, за нивниот развој и за економскиот развој на целиот регион, Царинската управа проценува дека царинскиот терминал во Блато воопшто не е потребен, пишува „Порталб.мк“.

Граничниот премин Блато меѓу Северна Македонија и Албанија е оддалечен само 4 километри од градот Дебар, меѓутоа трговците и бизнисмените од Дебар треба да поминат 90 километри за да ги царинат стоките и производите. Недостатокот на царински терминал во Дебар ги обврзува трговците и бизнисмените да ги спроведуваат постапките за преминување на стоката на граничниот премин Ќафасан, во Струга. Со години жителите на Дебар бараат отворање на царински терминал на преминот Блато, со што ќе се унапреди слободната трговија и економскиот развој на двата града Дебар и Пешкопеја, но и на целиот регион, а сепак нивното барање не наидува на слух.

Колку е неопходен царинскиот терминал за деловните субјекти и граѓаните на Дебар?

Оние кои најмногу страдаат од недостаток на царински терминал на преминот Блато се бизнисмените од Дебар. Сопственикот на транспортната компанија „Блерта-Транс“, Вулнет Керкути за „Порталб.мк“ вели дека нивните барања се игнорираат од надлежните и како резултат на тоа нивните бизниси најмногу губат.

„По состанокот што го имав со заменик директорот на царината за отворање складиште кај царината, моето барање беше одбиено затоа што не бев дел од политичката партија ДУИ. Како сопственик на транспортна компанија, многу страдам од недостатокот на царински терминал на граничната точка Блато, бидејќи, меѓу другото, треба да поминам дополнителни 150 километри до Тирана. Во градот Дебар, скоро 40 извози ги изведува дневно компанијата „Кнауф“ како и многу други помали компании. Ги повикувам медиумите да ги покренат нашите проблеми, бидејќи наскоро ќе се отвори патот наречен како „Патот на Арбер“ и треба да бидеме подготвени. Барам надлежните да го земат предвид нашето барање за отворање на царински терминал во Блато“, вели Вулнет Керкути, претставник на компанијата за увоз-извоз.

Бизнисмените од Дебар со години бараат отворање на царинска испостава во нивниот град. Тие проценуваат дека една од главните причини зошто царинскиот терминал на преминот Блато е важен е фактот дека на оваа територија гравитираат околу 100 илјади жители, вклучувајќи ги и Општина Пешкопеја и Булќиза од соседна Албанија.

За потребата од отворање царински терминал на преминот Блато, „Порталб.мк“ контактираше со „Центарот за одржлив развој на заедниците во Дебар“ (ЦСЦД), кои претходно изјавија за медиумите дека отворањето на царински терминал на граничниот премин Блато е неопходен. Меѓутоа, од оваа организација одбија да се произнесат.

Имаше ли ветувања за изградба на царински терминал на граничниот премин Блато?

На првиот заеднички состанок меѓу општина Дебар и на Пешкопеја, во април 2017 година, меѓу другото, беше потенцирана потребата од воспоставување единствен граничен премин меѓу Македонија и Албанија и изградба на царински терминал на преминот Блато.

Поранешниот градоначалник на Дебар, покојниот Ружди Лата, во интервју за „Порталб.мк“ во 2018 година изјави дека општината има дозвола за изградба на терминалот, но има недостаток на инвеститори за изградба на терминалот. Лата наведе дека општината понудила изградба на терминалот, но инвеститорите не прифатиле.

Од општина Дебар, во тековната изјава за „Порталб.мк“ велат дека отворањето на царинскиот терминал во Блато е повеќе од потребно, особено со завршувањето на „Патот на Арбер“ од страна на Албанија. Општина Дебар ги повикува Владата и релевантните локални институции да преземат конкретни чекори што е можно поскоро за изградба на царинскиот терминал на преминот Блато.

„Во врска со отворањето на царински терминал на граничниот премин Блато за нас како општина е многу важно прашање затоа што преку тој терминал ќе се постигне поголем локален економски развој, и не само тоа. Изградбата на овој терминал ќе ја зголеми раздвиженоста на камионите и стоките. Во практична смисла, Република Албанија е при крај со изградбата на патот наречен „Патот на Арбер“. Овој пат ќе ги поврзува Тирана и Дебар, така што за 1 час од Дебар ќе бидете во Тирана и за 1 час и 15 минути ќе имаме пристап до пристаништето Драч. Со реализацијата на овој пат, веруваме дека ќе биде потребно да се преземат конкретни чекори од Владата на РСМ за реализацијата на овој проект“, изјави Ули Мирзо, секретар во Општина Дебар.

Дали се планира да се изгради царински терминал на Блато?

Сепак, Царинската управа вели дека наскоро планираат да го имплементираат системот „one stop shop“ на преминот Блато, но не сметаат дека е потребно да се отвори царински терминал, бидејќи во оваа област нема многу сообраќај.

„Во врска со работењето на граничниот премин, ние предлагаме да работи 24/7, исто како и во моментов. Како граничен премин од втора категорија, каде што се вршат само полициски и царински контроли на патници и превозни средства за патници. Ќе се дозволи само транзит на камиони и стока преку овој граничен премин, односно нивно поминување со документи претходно подготвени во царинска постапка. Ова значи дека нема да се подготвуваат царински документи за трговија на преминот, ниту ќе се спроведе царинска постапка и нема да се тргува со производи предмет на ветеринарна и фитосанитарна контрола. Ова земајќи го во предвид фактот дека во овој регион, во радиус од 50 км, има три царински испостави (во Струга, Ќафасан и Охрид, при движење на камиони може да се користи царинскиот терминал или канцеларијата во Тетово), затоа сметаме дека нема потреба и дека нема оправдување за изградба на терминал за царинење на царинската испостава Блато“, велат од Царинската управа.

Неколку информации за моменталната употреба на преминот:

Во 2019 година преку граничниот премин поминале 12 камиони на влез и 515 камиони на излез (во периодот пред ковид пандемијата). Во 2020 година, имало влез на 7 камиони и 327 камиони излегле од земјава. Ако ги погледнеме овие бројки и ги дистрибуираме според работата 365 дена во годината, стигаме до фактот дека преку овој премин се движат незначителен број товарни возила (1,44 во 2019 година, односно 0,9 камиони на ден во 2020 година).

„Со оглед на оваа статистика, заклучокот е дека вредноста на секоја промена во начинот на работа на контролниот пункт би била ангажирање на дополнителни ресурси, без разумно оправдување“, велат од Царинската управа на Северна Македонија.

Во меѓувреме, во врска со ветувањето за заедничка гранична точка на преминот Блато според системот „one stop shop“, потсетуваме дека истото беше ветено и на граничниот премин Ќафасан во Струга.

За повеќе на оваа тема, прочитајте „Ветувања само на хартија за заедничка царинска контрола Северна Македонија – Албанија“.