Фото: Влада на РСМ

Заедничката царинска контрола Северна Македонија – Албанија, од типот „One Stop Shop“, е едно од ветувањата за кое се дискутира само на масите на владини претставници од двете земји, но со години нема конкретно дејствување на терен. Заедничката царинска контрола, покрај зајакнувањето на билатералните односи меѓу соседните земји, ќе помогне во развојот на економијата, ќе ги олесни царинските процедури, ќе го олесни слободното движење на граѓаните од двете земји и ред други работи, пишува „Порталб.мк“.

Фотографија од Самитот на Западен Балкан во Трст, Италија – јули (Извор: European
Western Balkans)

Со цел да се зајакне соработката меѓу двете соседни земји, Северна Македонија и Албанија, во 2017 година на Самитот во Трст беше одобрен акционен план за создавање регионална економска зона. Планот предвидуваше почеток на имплементација на проектот за заедничка гранична контрола, според системот „One Stop Shop“ меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, како држави потписнички на Меѓународната конвенција за поедноставување и усогласување на царинските процедури.

Сага на ветувања

На првиот состанок на ниво на владини функционери меѓу Албанија и Македонија, на 15 декември 2017 година во Подградец, меѓу другото, беше истакнато значењето на воспоставувањето на заедничка царинска контрола меѓу двете земји.

„На состанокот се зборуваше за интензивирање на билатералните односи преку зголемен дијалог и размена во сите области на соработка, мобилизација на напорите за реализирање на ангажманите во рамките на интеграцијата во евро-атлантските структури, и работа за понатамошно поврзување на Албанија и Македонија преку развој на патната, железничката и енергетската инфраструктура, подобрување на стандардите за слободно движење на стоки, луѓе и капитал по моделот на гранични царини ‘One-Stop-Shop’“, се потенцира во официјалното соопштение на албанското Министерство за надворешни работи.

На 5 септември 2018 година, министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, повторно вети дека Северна Македонија ќе воспостави „One Stop Shop“ систем за заедничка царинска контрола со Албанија. Оваа изјава предизвика голема врева во албанските медиумите од двете земји.

„Македонија е целосно посветена на зголемување на соработката со земјите од регионот, создавање на заедничка економска зона, со што ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании“, рече министерот Бектеши.

Иако на терен нема конкретно движење за реализација на овој проект, продолжија средбите на официјалните лица кои секогаш завршуваа со истото ветување, заедничка царинска точка помеѓу Северна Македонија и Албанија.

На почетокот на јануари 2019 година се одржа средба помеѓу министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски и неговиот албански колега Сандер Лешај. Во фокусот на ова средба беа дискусиите за прекугранична и полициска соработка.

„За време на состанокот, дискусиите се фокусираа на заедничката цел за поставување на моделот „One Stop Shop“ на заедничката граница, модел што Албанија веќе го применила со Црна Гора и Косово, додека Македонија со Србија “, се потенцира во соопштението на Министерството за внатрешни работи. Понатаму се наведува дека страните се заложиле да ги преземат неопходните чекори за воспоставување на овие заеднички гранични точки на 1 април 2019 година.

Фотографија од средбата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот албански колега Сандер Лешај, Поградец – 15 јануари 2019

Истото ветување од двајцата министри беше повторено и за време на нивната средба во Пустец на 30 август 2019 година. За време на оваа средба, министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски кажа:

„Имавме можност уште еднаш да разговараме за нашата заедничка соработка во иднина. Потребно е да се стори сé за да се олесни слободното движење на луѓето меѓу двете држави. Тоа беше темата на разговорите. Да почнеме и да потпишеме договор за заедничко управување со границата во Ќафасан“, рече Спасовски.
Фотографија од средбата на министерот Крешник Бектеши и министерката Анила Денај, Тирана 18 септември 2019 (Извор: ata.gov.al)

На 18.09.2019 година во Тирана се одржа состанок помеѓу министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши и министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај. На оваа средба на која се разговараше за зголемување на соработката меѓу двете соседни земји, акцентот повторно беше ставен на создавање на заедничка гранична контрола.

На крајот на декември 2019 година, на третиот состанок за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан, за време на дискусијата за зајакнување на билатералните односи Северна Македонија-Албанија, беше објавено дека наскоро ќе биде потпишан договор за заедничка царинска контрола.

„Со поттикнување на иницијативата за соработка во регионот, преговорите меѓу Република Србија и Северна Македонија завршија и наскоро ќе започне изградбата на новиот граничен премин Лојане-Миратовац, до следниот состанок на оваа иницијатива во Белград, директорите на македонската царина на Северна Македонија и Албанија ќе го потпишат договорот „One Stop Shop“ за граничниот премин Ќафасан, како што имаме со Србија на граничниот премин Табановце. Главната цел на овие „One Stop Shop“ системи, односно контроли со едно запирање на граница што треба наскоро да станат – Non Stop Shop, т.е. премини без запирање, а како придонес кон реализацијата на оваа постапка ќе биде воспоставување систем без хартија што ќе ги поедностави царинските процедури“, се вели, меѓу другото, во известувањето на Владата на РСМ.

Фотографија од третата средба за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан во Тирана – Декември 2019

И покрај сите овие ветувања дека двете соседни земји ќе го имплементираат системот на граничниот премин Ќафасан, со цел да се олесни движењето на сите граѓани, но и развојот на економијата во двете земји, функционирањето на овој граничен премин продолжува без промени.

За да откриеме кои се препреките што ја блокираа реализацијата на ова ветување и до каде е работата за реализација на планот со „One Stop Shop“ во Ќaфасан, нашата редакција се обрати до Царинската управа.

Во тек е последното усогласување на текстот на Договорот меѓу двете влади за „воспоставување на заеднички гранични точки меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и спроведување на заеднички активности за контрола на границата“, што предвидува спроведување на концептот One Stop Shop на граничниот премин Ќафасан ”, изјавија за „Порталб.мк“ од Царинската управа на РСМ.

Какво економско значење има заедничката царинска контрола РСМ-Албанија?

Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) проценува дека воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ ќе се разоткрие економскиот и трговскиот потенцијал меѓу двете земји, потенцијал што досега е речиси целосно неискористен. Според СКСЗМ, уште поважен е фактот дека на овој начин бизнисите можат да придобијат од подобрениот пристап до пристаништето во Драч, кој како алтернатива е подостапен во однос на финансиите, но и на време.

„Неспорно е дека трговската размена со Република Албанија е на многу ниско ниво со оглед на фактот дека сме соседни земји. Сметаме дека секоја иницијатива што го подобрува аспектот на трговска размена и подобрувањето на слободното движење на стоки, услуги и луѓе треба да биде поддржана и забрзана. Според Светска банка, со работењето на системот „One Stop Shop“ во Ќафасан, трошоците за увоз-извоз ќе се намалат за 10 отсто, но СКСЗМ проценува дека примената на овој систем треба да биде придружена со соодветна патна инфраструктура. И покрај фактот дека Република Албанија е најзгодна алтернатива за излез на пристаниште, инфраструктурната врска со таа земја е на многу ниско ниво и не е модернизирана. За сето ова да добие целосно значење, мора да се создадат овие инфраструктурни предуслови, со што ќе се забрза процесот на реализација на паневропскиот коридор VIII“, потенцираат, меѓу другото, СКСЗМ за „Порталб.мк“.

Од економска гледна точка, СКСЗМ проценува дека реализацијата на заедничката царинска точка со соседната земја, Албанија, треба да се изврши што е можно поскоро, што би влијаело на справувањето со последиците од светската криза со ковид-19 пандемијата.

„Треба да се има предвид дека проектите не се корисни ако не се спроведат. Владата во наредниот период мора да се соочи со ублажување на штетата претрпена од пандемијата, а најдобриот начин е преку спроведување на капитални проекти кои ќе го промовираат развојот и придобивките на среден и краток рок. Трговската размена со Република Албанија е исклучително ниска во споредба со другите соседни земји, каде што инфраструктурата е делумно проблематична, во овој дел од големо значење се паневропскиот коридор VIII, тарифните и нетарифните бариери. Република Албанија не е важен партнер, заземајќи го 18-то место во извозот и 26-то место во увозот, така што трговската размена во секој параметар останува на ниско ниво. Сепак, има значителен простор оваа соработка да се подобри и соседството да се користи како силна страна за плодна соработка“, додава СКСЗМ.

Зошто е системот „One Stop Shop“ важен за движењето на граѓаните?

Граничниот премин во Ќафасан го преминуваат илјадници граѓани. Долгите чекања на границата често се досадни и нервозни за граѓаните.

„Во денешно време кога движењето преку границите е многу потребно, создавањето на заедничката гранична точка Албанија-РСМ доаѓа како обврска за обете страни. Како студент и како државјанин на Република Албанија, од искуство потврдувам дека постоењето на два гранични премини е прилично мачно, бидејќи предизвикува долги чекања и сообраќај. Документите мора да бидат предадени на двете царини (излез-влез) и како резултат на тоа доведува до одложувања кои повремено доаѓаат како резултат на технички проблеми со скенирањето. Често пати наидувавме на блокади од неколку часа, поради различни економски-правни обврски на лица кои ја преминуваат стоката со тешки товарни возила. Ако се создаде само една заедничка царинска контрола, ќе се избегнат долги редици, сообраќај, формалности во документи, економски трошоци и патот што денес го преминуваме од една до друга царина“, рече Суела Капо, студентка од Албанија во Струга.

И сè додека нема конкретни чекори за реализација на ветувањето за заедничка гранична контрола со Албанија, граѓаните ќе продолжат да бидат заложници на долго чекање и други административни проблеми. Во исто време, развојот на економијата и зајакнувањето на односите меѓу двете соседни земји ќе продолжат да бидат неизвесни.