Влада: Асимптоматските случаи на ковид-19 ќе бидат во изолација седум дена

Izolacija karantin
Фото: Sharon McCutcheon on Unsplash

Владата на синоќешната седма редовна седница реши и периодот на изолација или карантин поради ковид-19 да се намали на седум дена, наведувајќи дека тоа е по препорака од Главниот координативен кризен штаб донесена на предлог на Комисијата за заштита од заразни болести поради полесната клиничка слика што ја предизвикува сојот Омикрон.

Согласно овие препораки, на лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на ковид-19, им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето.

По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање), наведуваат од владината прес-служба.

Според одлуката на Владата, за лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, треба да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.

Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на ковид-19 се упатуваат во домашна самоизолација или карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин, според владината одлука, треба да има за оние лица кои исполнуваат еден од критериумите: Вакцинирани со ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза да не поминале повеќе од шест месеци; Прележани со ковид-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци; Лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

Исто така, по препорака на Комисијата за заразни болести во текот на вчерашниот ден, Министерството за здравство ги задолжи клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември“ да се отвори дополнителен ковид оддел.

Истовремено, при зголемување на бројот на новозаболени на кои им е потребна хоспитализација, Министерството за здравство ги задолжи да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“

Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).