Photo by Chokniti Khongchum: https://www.pexels.com/photo/person-holding-laboratory-flask-2280571/

Тврдењето дека во Украина постојат лаборатории финансирани од САД во кои се произведуваат патогени, се турка од Русија уште од 2020 година. Во 2020 година медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории. Токму тогаш, во мај 2020, во екот на ковид пандемијата, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на „американски воени биолошки лаборатории во Украина”, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека ковид е „правен во Украина” и дека коронавирусот бил дел од програмата за биолошко оружје на САД специфично развиено да ја таргетира ДНК на „нациите од интерес”, за кои во постот се тврди, дека се словенските нации. Во објавата се тврди и дека „коронавирусот е дел од програмата за биооружје финансирана од Пентагон во Украина и дека Руското министерство за одбрана објавило дека проектот за патогено испитување на лилјаци САД го предводела во Грузија и Украина во октомври 2019 година, непосредно пред да се појави пандемијата со коронавирусот“.

Дополнително се сугерира дека од 10 држави со најголема смртност на милион жители, девет се припадници на словенската група народи и дека рецепторот што овозможува да се пренесува коронавирусот во телото е различен кај Европејци и кај Азијци. Во постот се додава дека Министерството за одбрана на Русија објавило дека преку биолаборатории во Украина, САД добиле илјадници примероци на словенска ДНК која со специјални летови била пренесувана во Германија и во САД. 

Првиот аргумент дека овие тврдења се невистинити е фактот што коронавирусот одзема животи од буквално сите држави во светот. За високата смртност на Балканот, виновна е примарно ниската стапка на вакцинација, но и други фактори меѓу кои и коморбидитетите на населението, генералните услови во болниците, доцното пријавување за лекарска грижа итн.

Не постојат никакви докази дека некој намерно ги таргетирал словенските држави и нации за тие да имаат највисока стапка на смртност, ниту пак, дека нивните гени ги прават поризични. Освен тоа, коронавирусот првпат се појави во држава оддалечена од словенските, во Кина, и има докази дека е природен, а не вештачки и создаден во лабораторија.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува  дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Доколку целта била да се таргетираат словенски народи со коронавирусот, тогаш немаше да настрадаат милиони од други нации и народности ширум целата планета. Тврдењето едноставно нема втемеленост во реалноста.

Наративот дека Украина развива биолошко оружје со асистенција на САД е присутен од стартот на руската инвазија. На 6 март Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека добило докази за тоа дека Украина и САД соработувале да развијат биолошко оружје. Во мноштво руски медиуми оваа информација одекна со брзина на светлината, а беше пренесена и кај нас. Според мајор генерал, Игор Конашенков,  патогени за смртоносни болести, меѓу кои чума, антракс и колера биле создавани во овие лаборатории, за да бидат користени во биолошко војување и дека овие лаборатории „се основани од САД и од американското министерство за одбрана”.

Тврдењето дека во Украина постојат лаборатории финансирани од САД во кои се произведуваат патогени се турка од Русија уште од 2020 година. Во 2020 година медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории.

Токму тогаш, во мај 2020, во екот на ковид пандемијата, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на „американски воени биолошки лаборатории во Украина”.

Нема странски биолошки лаборатории кои оперираат во Украина. Тврдењата од индивидуални политичари за наводното постоење на вакви лаборатории се невистинити и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто, во врска со дезинформациите за програмата.

Во соопштението се вели дека:

САД и Украина имаат партнерство уште од 2005 година, за да го превенираат ширењето на заразни болести како и да овозможат мирно развивање на вакцини. Ова партнерство меѓу одделот за одбрана на САД и украинското Министерство за здравство е дел од Развојната програма за намалување на опасностите (Cooperative Threat Reduction Program), која почна во 1991 година со цел да се намали опасноста од оружје за масовна деструкција по распадот на Советскиот Сојуз.

Ова партнерство, не значи дека во Украина има лаборатории водени од САД , всушност, Одделот за одбрана на САД никогаш немал биолошка лабораторија во Украина.

Оваа програма за намалување на опасностите (U.S. Department of Defense Cooperative Threat Reduction Program), овозможи техничка поддршка за украинското Министерство за здравство од 2005 година, за да се подобрат јавните здравствени лаборатории, чија мисија е аналогна на таа на американскиот центар за контрола и превенција на болести, изјави за Политифакт Енди Вебер, член на одборот на асоцијацијата за контрола на оружје.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ рече дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести. Според тинк-тенкот Атлантски совет, руските пропагандисти долго време шират пропаганда во Украина, вклучително и тврдења дека овие лаборатории експериментираат врз граѓаните.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека во лаборатории во Украина бил создаден коронавирусот и дека во Украина постои програма за биооружје со цел да се таргетираат словенски нации со коронавирус, пишува „Вистиномер“.