(ВИДЕО) Експлозија и пукање на плажа во Могадишу: 32 загинати, над 60 повредени

Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, пренесе АП

Фото: Photo by Saacid Ahmed on Unsplash

Најмалку 32 лица загинаа, а околу 63 се повредени во напад на плажа во сомалискиот главен град Могадишу, изјави портпаролот на полицијата Абдифатах Адан Хасан. Тој додаде дека некои од повредените се во критична состојба, објави Би-Би-Си.

Од службите за итна помош претходно беше соопштено дека во нападот загинале најмалку осум лица, а 28 се повредени.

Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, пренесе АП.

Д-р Абдикадир Абдирахман изјави за Ројтерс дека службите за итни случаи забележале осум мртви и 28 повредени, но дека бројот „сигурно ќе се зголеми“ бидејќи другите луѓе превезувале жртви.

Според очевидци и локалните власти, се слушнала експлозија и истрели, а очевидецот Моамуд Моалим за АП изјавил дека го видел напаѓачот врзан со експлозив неколку моменти пред да се разнесе во близина на хотелот, на популарната плажа Лидо.

Сомалиската новинска агенција објави дека безбедносните сили ги „неутрализирале напаѓачите“.

Плажата Лидо и во претходните години беше цел на терористите на Ал Шабаб. Минатата година девет лица беа убиени во нивниот напад на тоа популарно место меѓу населението во Могадишу.