Вчера се аплицирани 14.763 вакцини, прва доза примиле 2.057 граѓани

Фото: Мета.мк

Министерството за здравство информира дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 433.787 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 236.878 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани. Со последните бројки, 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, додека 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, информираат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.