Вчера биле аплицирани 7.739 дози вакцини против ковид-19, расте интересот за трета доза

Фото: Мета.мк

Во текот на вчерашниот ден се дадени вкупно 7.739 дози вакцини против ковид-19, од кои 748 се прва доза, 1.629 се ревакцини, а 5.362 граѓани примиле трета доза вакцина, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Од почетокот на вакцинацијата против ковид-19 во земјава до вчера се вакцинирани 801.988 граѓани, ревакцинирани се 771.165, а трета доза примиле 15.851 граѓани.

Дури 54 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто примила две дози вакцина, информира МЗ.