В понеделник промоција на мобилната апликација „пикодемокраси“

Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Македонски центар за европско образование и со „Реактор“, в понеделник во ЕУ Инфоцентар, со почеток во 11 часот, ќе ја промовира мобилната апликација „пикодемокраси“ (Picodemocracy).

Со апликацијата ќе може да се спроведуваат анкети во вид на мини-референдуми, односно поставување едноставни прашања на големи групи граѓани од државни тела, општини, невладини организации, медиуми, за брзо и ефикасно добивање мислења по одредени прашања. Корисниците на апликацијата ќе имаат можност да одговараат на прашањата од нивни интерес и во реално време да го гледаат мислењето и на другите корисници.

„Апликацијата овозможува сите заинтересирани да бидат вклучени до онаа мера до која тие сакаат, при што граѓаните добиваат повратна информација за одредено прашање, а институциите и организациите имаат можност да го анкетираат јавното мислење на многу едноставен начин“, велат од „Метаморфозис“.