Поради ковид-19 пандемијата, водечката регионална годишна конференција за политичка одговорност и нови технологии – ПОИНТ се враќа во нов, онлајн, формат: POINT Talks. Утре (5 февруари), со почеток од 15 часот, ќе се одржи првиот од серијата настани, односно онлајн панел-дискусија на тема „Изборите за време на пандемија на Балканот“.
Настанот ќе биде посветен на изборните процеси што се одржаа за време на пандемијата во Хрватска, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, при што ќе се дискутира за низата предизвици што се појавија во спроведувањето на изборниот процес, како што се: безбедноста на гласачите на избирачките места, влијанието на пандемијата врз излезноста на гласачите, официјалните мерки што беа на сила пред и по изборите, но исто така и како владината реакција на пандемијата може да влијае на изборните резултати во одредени случаи.
На утрешната онлајн панел дискусија ќе учествуваат: Беата Мартин – Розумилович, директорка за Европа и Евроазија на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС); Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис; Милица Ковачевиќ, претседателка на Центарот за демократска транзиција од Црна Гора; Павле Димитријевиќ, раководител на правното одделение на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност ЦРТА од Србија; Сандра Бенчиќ, пратеничка во хрватскиот парламент од платформата „Можеме“ и Дамјан Манчевски, поранешен министер за информатичко општество и администрација во македонската влада.
За да ја следите оваа панел дискусија, потребно е да се пријавите овде. Настанот ќе може да се следи на онлајн платформата, како и преку пренос во живо на веб-страницата на ПОИНТ Конференцијата. Заинтересираните учесници може да се пријават и преку Фејсбук, по што ќе добијат известување пред да започне дискусијата во живо.
Инаку, целокупната овогодишна ПОИНТ конференција ќе се одржи во дигитален формат, со што ќе се осигура дека иницијативата ќе продолжи да трае и да се развива сè додека не се исполнат сите услови за да се организира конференцијата во живо. Целокупната содржина од настаните на ПОИНТ конференцијата ќе биде достапна на платформата pointtalks.zastone.ba, како и на социјалните мрежи.
Покрај POINT Talks, на ПОИНТ конференцијата предвидени се и онлајн настаните: интервјуа „60 секунди“, приказна во живо, но и разновидни презентации и работилници преку кои ќе се понуди разновидна содржина преку избор на тема на месецот. Покрај онлајн панел дискусии и презентации што ќе се одржуваат во живо, интервјуа со релевантни соговорници и панелисти, овогодинешното издание ќе понуди и многубројни содржини од претходните ПОИНТ конференции кои се поврзани со темата на месецот.
ПОИНТ конференцијата е најголемиот настан од ваков тип во регионот, кој претставува платформа за граѓанското општество кое ја поттикнува употребата на новите технологии и се организира од мрежата ACTION SEE, чии членови се „Zašto Ne“ од БиХ, ЦДТ – Центар за демократска транзиција од Црна Горина, ЦРТА CDT – Center for Democratic Transition from Montenegro, Центарот за истражување, транспарентност и отчетност ЦРТА од Србија и Фондацијата Метаморфозис од Северна Македонија.