Кибер напади, дезинформации, логистички пречки – овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел дискусија за проценка на изборните ризици тој потенцираше дека со овие проблеми ДИК нема да може да се справува сама.
„Затоа е важен заедничкиот пристап и соработка на сите засеганти страни вклучени во изборниот процес“, рече тој.
Даштевски кажа дека соработката со властите во однос на кибер безбедноста помага во справување со опасностите по изборните системи, обезбедување на база на податоци за гласачите и ублажување на ризикот од крахирање или манипулација со електронските системи и бази на податоци.
На панел дискусијата се зборуваше и за трошењето на државните пари за изборни реклами.
„Oбвинителството да внимава како ќе се трошат државните пари за изборни реклами кај порталите“, предупреди Зоран Трајчевски, првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Со ова се согласи и Татјана Димитровска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи не е регулирано како ќе се трошат околу 2,5 милиони евра наменети за партиско рекламирање на Интернет.
Денеска, исто така, ДИК со четири гласа „за“ и два „против“ усвои Упатство за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, со кое се утврдува дека само еднаш ќе може да се оди на избирачките места за гласање на двојните избори на 8 мај – парламентарните и вториот круг од претседателските избори.