Уставниот суд се прогласи за ненадлежен за распуштање на Собранието

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на пратеникот Павле Трајанов и на претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров, за неуставното распуштање на Собранието со одложена примена и се прогласи за ненадлежен да одлучува за распуштање на парламентот.

Инаку, утринава на расправата на Уставниот суд по оваа иницијатива, судијата Наташа Габер, која е подготвувач на извештајот, кажа дека ваквата одлука на Собранието е преседан и Собранието не смее да носи одлуки.

Таа истакна дека при предвремени избори, рокот за избори е 60 дена, а со одложената примена од 24 февруари и престапноста на февруари, изборите би требало да бидат на 24 април, што е, всушност, 61 ден.

Според неа, тоа значи дека изборите се нелегитимни.

Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, се произнесе дека не се согласува со ставот на судијката Габер.

Таа тврди дека иницијативата треба да се отфрли бидејќи Уставниот суд не може да одлучува за акт, туку само за закони.