fbpx

Уставниот суд поведе постапка за уставноста на измените на Законот за облигациони односи

Собранието не објаснило зошто нема преоден рок за новите законски измени, со што, како што потенцираат од Судот, „во судската пракса, како и во нормативниот поредок е предизвикан хаос“

-

Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи. Изгласано е времено запирање од извршување на оспорените одредби (т.н „времена мерка”), соопштија од Судот.

Како што велат оттаму, во Судот изразил сомнеж дека оспорените членови се во спротивност со повеќе уставни одредби меѓу кои и владеењето на правото (Член 8, 1 алинеи 3 и 6), правото на гарантирана сопственост (член 30 став 1), правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот (член 9 став 2) и особено забраната за (повратно) ретроактивно важење на законите (член 52 став 4).

„Пред Судот основано се постави прашањето дека Законодавецот не го почитувал тоа што првично го гарантирал и утврдил нови услови и рокови под кои ќе се одвиваат воспоставени правни односи помеѓу доверителите и должниците, утврдени претходно со правосилна судска одлука, односно извршна исправа“, се вели во соопштението од Уставниот суд.

Во него се додава дека Собранието го скратило рокот на застареност на побарувањата на доверителите од десет на пет години, но притоа не внимавало на забраната на повратно важење на законите, како и на уставната обврска да овозможи преоден период за прилагодување на граѓаните на новиот правен режим. (vacatio legis).

Понатаму од Судот посочуваат дека согласно Уставот, дозволено е да има исклучок од споменатото правило, но Собранието не дало одговор до Уставниот суд, ниту пак во образложението на предлог-законските измени не се осврнало на причините и целите за правење на ваков исклучок, со што, како што потенцираат од Судот, „во судската пракса, како и во нормативниот поредок е предизвикан хаос“.

„При вакви околности кога не е предвиден период на прилагодување, при носењето на овие измени, Судот се сомнева дека се нарушени легитимните очекувања на граѓаните како и нивната правна извесност“, соопшти Уставниот суд.

Како поткрепа на аргументите за поведување на постапка за оценка на уставноста на одредбите и изрекување на т.н. времена мерка биле анализирани одлуки на Европскиот суд за човекови права во насока на одлуката на Уставниот суд.

„Собранието во ниту еден збор не се осврнува на причините за скратување на уставно утврдениот „vacatio легис”, со што се доведува во прашање и почитувањето на член 52, став 3 од Уставот“, соопшти Судот.

На крајот, посочуваат дека иако во јануари 2024 година по овој закон не е поведена постапка, Уставниот суд ја искористил деловничката можност како и уставно-судската пракса повторно да се впушти во расправа за прашањето на уставноста на овие законски одредби „врз основа на тоа што е направена подлабока анализа и е изнесена дополнителна аргументација, како и врз основа на фактот дека овој пат Судот одлучуваше во полн состав“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има. Вака коментира новиот министер за правда Игор Филков, по денешната посета во...