Ураганот Патриција стигна до Мексико со ослабен интензитет

Ураганот Патриција синоќа го погодил југозападниот дел на крајбрежјето на Мексико и со себе донел силни дождови, високи бранови и циклонски ветрови, но не направил голема штета, каква може да се очекува од невреме со таква силина.

Ураганот утринава изгубил од својата силина така што максималната брзина на ветерот изнесувала 155 километри на час.

Медиумите јавуваат за поплави и за лизгање на земјиште, како и за откорнати дрвја и улични светилки. Беа емитувани снимки и од автобуси и од автомобили кои ги носи водата во државата Џалсико.

И покрај тоа што ураганот е ослабен, сè уште постои опасност од силни дождови кои можат да предизвикаат поплави и лизгање на земјиштето.