УНИЦЕФ: Образованието е клучен фактор за прекинување на меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија

На Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, УНИЦЕФ организира консултации со претставници од секторите за образование, здравство и социјална заштита

Photo by Guillaume de Germain on Unsplash

Неодамнешното истражување на УНИЦЕФ за мултидимензионалната сиромаштија покажува дека образованието е клучен фактор за прекинување на меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија. Има и поголем процент на деца засегнати од мултидимензионалната сиромаштија во домаќинствата каде возрасните лица имаат пониско образование, со што се продолжува циклусот на сиромаштија.

На Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, УНИЦЕФ организира консултации со претставници од секторите за образование, здравство и социјална заштита, вклучувајќи го и граѓанското општество, за да се постигне консензус за приоритетните мерки од политиките за справување со мултидимензионалната детска сиромаштија.

Притоа, посветено е внимание на неколку работи што би можеле да го отворат патот кон надминување на горливиот проблем. Недостигот на љубов и грижа спаѓа во двата најчести фактори што придонесуваат за мултидимензионална сиромаштија кај децата на возраст од 5-17 години во земјата. Тоа укажува дека е неопходно да се посвети внимание на промовирањето практики за добро родителство и давањето специјализирана поддршка на родителите во овој поглед.

Нагласено е дека Северна Македонија треба да се залага за зголемени расходи за образованието, кои во моментов се значително под просекот на ЕУ во однос на нивниот удел во бруто домашниот производ, како и за подобрување на ефективноста, ефикасноста и правичноста во расходите за образованието. Владата и општините треба да го продолжат трендот на проширување на пристапот до образование во раното детство, со оглед на неговата важност за животните исходи во иднина.

Воведувањето на универзално здравствено осигурување за сите деца, исто така, може значително да влијае врз обезбедувањето пристап до здравствена заштита. Важноста што ја имаат љубовта и грижата, како една димензија, е само потврда дека носителите на одлуки треба и понатаму да бидат внимателни и да обезбедат одржливост на резултатите постигнати со процесот на деинституционализација, како и да даваат поддршка за програмите за позитивно родителство.

Исто така, ограничениот пристап до установите за предучилишно образование може да доведе до пораст на мултидимензионалната сиромаштија кај децата. Ова е загрижувачки податок, бидејќи дури 61% од децата никогаш не посетувале предучилишно образование. Во оваа димензија, особено се лишени децата од руралните средини, како и децата кои припаѓаат на други етнички групи од македонската.

Учесници на денешната консултација се претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и технички персонал од други релевантни институции: Биро за развој на образованието, Државен просветен инспекторат, Државен испитен центар, Центри за социјална работа, Фонд за здравствено осигурување, Институт за јавно здравје, тимови за имунизација и Државен завод за статистика.