Орбан обезбедува „прибежиште за прорускиот лузер Груевски“, алармира унгарска партија

Виктор Орбан не само што се вклучи во кампањата на поддржуваниот од Русија поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски, туку и сака нему и на врвните луѓе до него да им овозможи прибежиште во Унгарија, што во целост е против вредностите на само на ЕУ, туку и во Унгарија, алармира Виктор Сигетвари, претседател на Националниот политички совет на „Еѓит“ (Заедно), унгарската проевропска политичка партија, која има пратеник во Европскиот парламент, а на последните локални избори во Унгарија освои стотици советнички места во општините.

Сигетвари вели дека во последните неколку месеци владата на Орбан и неговата партија сториле се за да ја воскреснат политичката кариера на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.

„Овој план, за среќа, не успеа, но унгарскиот премиер и неколку политичари учествуваа во кампањата во Македонија. Сепак, Орбан не успеа да му помогне на пропаднатиот македонски политичар, кој сакаше да го дестабилизира Балканот под руско влијание, да постигне успех на локалните избори. Никола Груевски сега, заедно со луѓето околу него, сака да најде пријателство и прибежиште во Унгарија, иако пасошот му е одземен поради обвинувања за корупција. Спротивно на националните интереси на земјава и на нејзината балканска стратегија би било репресивниот режим на Орбан да прими проруски политичари во Унгарија, заедно со припадници на разузнавачкиот сектор на земјата. Вознемирувачко е што унгарската влада сака да помогне на македонски политичар што служи на руски интереси и е на погрешната страна на европската интеграциска перспектива и е против историјата и сопствениот народ“, пишува Сигетвари.