Украина не регрутира лица под 18 години, жените се запишани во воениот регистар, но не значи дека ќе бидат регрутирани

Се прецизира дека за време на правниот режим на воена состојба во Украина, нема потреба граѓаните помлади од 27 години да се регистрираат во војската подолго време

Украинска единица за противвоздушна одбрана. Фото: ukrinform.net

Украина  ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години, но не регрутира лица помлади од 18 години. Регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина. Што се однесува до жените во Украина, тие од 1 октомври 2022 година се запишани во воениот регистар, ама тоа не подразбира по автоматизам и дека ќе служат воен рок, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук која тврди дека Украинците ќе регрутираат повеќе жени и ќе ја намалат старосната граница на 17 години. Ова не е точно.

Украинците ќе регрутираат дури и оние кои веќе не се најздрави, размислуваат да вклучат повеќе жени и да ја намалат старосната граница на 17 години. Но, ако тоа не се знаци за непосредна победа, тогаш навистина не знам, стои во објавата која ја анализираме.

Ваквите наводи не се поткрепени со никакви докази и факти, туку се произволни. Нашата проверка покажа дека Украина не регрутира помлади од 18 години, но дека ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години. Што се однесува до жените во Украина, тие од 1 октомври 2022 година се запишани во воениот регистар, но тоа не значи дека ќе бидат регрутирани.

Регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина.

Членот 15 од Законот за воена служба на Украина вели дека единствените лица на кои ова се однесува се:

Украинските граѓани чиј пол е машки, кои се здрави, кои наполниле 18 години до денот на започнување на службата и лица кои сè уште немаат 27 години, а кои немаат право на ослободување или одложување. Граѓаните на воената возраст можат доброволно да бидат примени на воена служба со договор под условите предвидени во првиот дел од членот 20 на овој закон и на начин утврден со прописите за воена служба од државјани на Украина.

Нема докази кои би ги документирале и поддржале наводите дека има украински деца кои се борат во првите линии на фронтот.

Проруските профили на социјалните мрежи често шират гласини дека Украина испраќа деца на првата линија на фронтот да се борат против руските војници, пишува Франс 24 Обсервес.

Франс 24 Обсерверс разговарале со Денис Кривошеев, заменик регионален директор задолжен за истражување за Источна Европа и Централна Азија во Амнести Интернешнал, кој во врска со ова изјавил:

Амнести интернешнал нема сознанија за документирани случаи на деца војници во украинската армија.

Во врска со тврдењето дека и жените во Украина ќе бидат регрутирани, тоа е, исто така, произволно нафрлено. На 19 јуни 2022 година објавено е интервју со воениот адвокат на Коровоградската област и шеф на правната група на регионалниот територијален центар за регрутирање, Јуриј Хрива, кој објаснува за воената регистрација на жените за време на воена состојба во Украина. Прво, жените ќе бидат запишани во воениот регистар, но тоа не значи дека ќе бидат регрутирани – запишани во воениот рок. Запишувањето во воениот регистар, не е еквивалентно на отслужување на воен рок! Уписот на жените беше најавено дека ќе почне од 1 октомври 2022 година и дека ќе се примаат жени помлади од 60 години, кои немаат контраиндикација поради здравствената состојба и чија професија или специјалност е наведена во наредбата на Министерството за одбрана.

Професиите на коишто треба да им припаѓаат жените, може да се видат во наредбата на Министерството за одбрана на Украина, која стапи на сила на 17 декември 2021 година и во неа се наведени професиите за жените кои мора да бидат во воениот регистар. Генерално во него се претставени повеќе професии како: угостителство, издаваштво, печатење, програмерство, лекари, адвокати, новинари, музичари, социјални работници, сметководители, итн.

Според официјалните податоци, од почетокот на мај 2023 година, 42.000 жени служат во украинските воени формации, што е значителен процент од вкупниот број на воен персонал.

За нив не се пишува ниту се снимаат филмови. Во меѓувреме, тие работат во армијата. Тие ја вршат својата важна работа секој ден. Тие се ангажирани во обезбедувањето еднакви права и можности за жените и мажите во армијата, ги опишува украинските жени-војнички, заменик-министерката за одбрана, Хана Маљар.

Нашата проверка покажа дека Врховната Рада на Украина ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години.

Како што се наведува во образложението на предлог-законот, досега граѓаните кои се способни за воена служба и кои наполниле 18 години до денот на распоредувањето во воените единици и постарите лица кои не наполниле 27 години и немаат право на ослободување или одложување од регрутирање се повикуваат на воен рок, пишува Визит Украина. Во исто време, граѓаните кои наполниле 27 години додека се пријавуваат за воен рок подлежат на воена регистрација.

Исто така, се прецизира дека за време на правниот режим на воена состојба во Украина, нема потреба граѓаните помлади од 27 години да се регистрираат во војската подолго време.

Тогашниот министер за одбрана на Украина, Олексеј Резников го оправдал намалувањето на возраста за воен рок со потребата да се надополни резервата за мобилизација. Претходно, максималната возраст за регрутирање беше 27 години. Ако човек наполнел 27 години и не служел војска, не можело да биде мобилизиран.

Откако законот беше изменет, мажите на возраст од 25 до 60 години, дури и без искуство во воениот рок, можат да бидат мобилизирани во време на војна. Предлог-законот го прошири опсегот на лица кои би можеле да се мобилизираат со регрути на возраст од 25 и 26 години, кои претходно не биле предмет на мобилизација, пишува во текст на Визит Украина.

Од сето ова можеме да заклучиме дека Украина не регрутира лица помлади од 18 години, но ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години. Регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина. Што се однесува до жените во Украина, тие од 1 октомври 2022 година се запишани во воениот регистар, но тоа не значи дека ќе бидат регрутирани. Според тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.

hubmk