Ученици од техничкото училиште во Битола протестирале против двојазичноста

Неколку десетици ученици од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола претпладнево, околу 10 часот, ја прекинале наставата и излегле во училишниот двор на протест против двојазичноста.

Учениците велат дека сами се организирале преку социјалните мрежи, бидејќи не се согласуваат со моменталната политика во државата „да учат албански јазик“. Учениците кои не протестирале, останале во училишните клупи.

Еден од учениците, учесник во протестот, вели дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.

– Нашето училиште е најхрабро, протестите почнуваат, а ќе продолжиме и утре и задутре. Се организираме да излеземе и на плоштадот Магнолија и да протестираме на Широк сокак. Се надеваме дека во наредните денови ќе ни се приклучат и други училишта – вели тој.

Директорот на училиштето не одговараше на нашите телефонски повици, додека професори во училиштето велат дека денеска во училиштето има просветни инспектори.